5.27.2012

Патот до ѕвездите

„Не можам, а да не сонувам“- велеше секогаш кога и беше тешко.
„Соништата се мојот пат до ѕвездите. Патувањето трае долго, но пристигнувањето е бесценет момент. Секогаш кога ќе ги затворам очите, јас сонувам. Не бегам, не се кријам, само сакам да видам како е на другата страна.“
И навистина, таа никогаш не бегаше од невремето. Не се криеше под првата стреа. Немаше страв од ладните капки, кои ја натопуваа до гола кожа.
Одамна научи да танцува на звукот кој доаѓаше од старите олуци. И во тие, бесмислени, ноти наоѓаше музика.
Ќе ги склопи тие крупни очи од кои се излева радост во розова боја, ќе ги рашири рацете и ќе ужива во мигот. Ги врти дланките, а дождовните капки се лизгаат по нив како децата кои играат во паркот под нејзината зграда.
Нежни, привлечни движења во хармонија со телото.


Има тајни кои се заклучени во нејзината кревка душа. Понекогаш тежат премногу, но нејзините чекори остануваат лесни како предувот. Танцува како да нема ниту една лоша работа во овој, проклет, свет.
Се движи како видра, плива и го сече ладниот воздух.
Ништо не може да ја прекине нејзината игра со дождот. Како да израснале заедно, толку совршено ги имаат научено чекорите.
Вировите кои се создаваат на стариот асфалт и ги топат нозете. Симетричните кругови од капките ја губат совршената форма секогаш кога таа невнимателно ќе шлапне во нив. И кога тоа ќе се случи, ќе се насмее. Не го отвара очите, само се смее. Над неа летаат бели ангели и не дозволуваат никој да ја прекине таа дождовна претстава.
Сонува.
Далеку од животот, патува.
Го спушта штитот, се осмелува да сонува.
„Сите патувања се различни. Но сите се прекрасни. Како музика, стара, вековна, а сепак неслушната. Силни бои, свежина. Секогаш кога можам сонувам. Секој сон е парче од мојот пат. Не се тоа соништа не остварливи. Ниту се невозможни. Само малку задоцнети. Јас ги сонувам сите убавини кои еден ден ќе ги гледам како долго очекувана реприза.“
Продолжи да сонува и ја изгради патеката до ѕвездите. Нурна кон нив и го зема она што и беше потребно.
Но танцот продолжува секогаш кога облаците ќе ја поздрават со дождот.

No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));