5.16.2012

Борба

Сонцето е зајдено, а месечината ја нема да изгрее. Не трепкаат ни ѕвездите.
А сите спијат, не гледаат дека е мрак. Ниту уличните светилки не можат да ја добијат борбата со темнината. Нема автомобили, не се слуша лаежот на кучињата скитници, ја нема ниту песната на птиците.
Ветрот е скриен зад старите липови гранки.Не го разнесуваат повеќе тој сладок мирис.
Нема звук, не се чуствува мирис.
Времето застана.
Заедно стоиме и се гледаме, подготвени за крвава борба.
Нозете шутираат во сувата земја како разбеснет бик пред борба.
Мртвиот воздух излегува низ носните шуплини како црн облак од активиран вуклан.
Застануваме, но летаат бесни искри од очите.
Заедно стоиме и се гледаме, јас и тој песочен часовник кој застанал некаде на половина.
Тишината ја сече звукот  на запалката која, во тој мирен облак на гнев, е како експлозија на тон динамит.
Ја запалив цигарата.
Црвениот жар е единствената светлина во тој грст темнина.Таа сега  ме открива како исплашена срна  на гола ливада. Лесен плен!
Не ми е страв, ниту грижа.Телото не трепери повеќе, не се плаши.
- Ајде, сега можете. Слободно распалете го оружјето. Нека парчиња ладен метал го распрснат топлото месо. 
Удрете!
Мислите дека ќе боли? 
Дека ќе страдам?
Стојам мирно, еве...нема ни да трепкам. Ајде ѓаволииии! 
-...не можете вие вака. Сега ќе го свртам грбот! Растрегнете го лакот и старото дрво ќе се зарие во срцето.


Но ниту една стрела нема да го убие. Не постои куршум кој ќе го замолчи.
Како капки масло во вода кои самите се наоѓаат, така парчињата од моето срце повторно ќе станат едно.
А тогаш.....барајте спас. Само ќе биде посилно.Моќ на бесмртен бог.Непробојно стакло.
Се што се обидело да го повреди, ќе биде казнето.
За секоја стрела, ќе ви врати со бакнеж.
За секој куршум, ќе добиете прегратка.
За сите зли зборови, ќе слушнете ТЕ САКАМ.
Не сум Бог, ниту ја имам неговата сила. Но можам да простам и ќе се потрудам да заборавам.
Едно знам: мојата љубов ве боли, затоа ќе ве сакам.Секоја насмевка ве гребе, ама ќе се смеам.Ќе бидам среќна, бидејќи тоа е најголемата казна која ќе ја добиете.
И заврши таа борба со времето.Сонцето зајде, но изгреа месечината. Ѕвездите се растреперија и ги разбудија птиците.Почнаа да се движат автомобилите, а кучињата исплашено трчаа по нив.
Го почуствував  мирисот на липите кој ми го донесе ветрот.
Ја изгасив цигарата и си легнав.


No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));