5.09.2012

Виножитото на месечината

Сина светлина. Сјај во мирната вода, рефлексија на шаренило од бои. Отсликано виножито кое ти го краде погледот. 
Мирното ветре само потсетува дека животот е тука. Мали бранови удираат во босите нозе.
Песокот е се` уште врел, сонцето само што зајде. Со скрстени раце на колената, таа седи. И годи топлина од ситните зрна.
Маѓепсана од сликата пред неа, со длабок поглед во темната вода, размислува!
Ги гледа боите кои ги испраќа месечевата светлина. Ја потсетуваат на шарена ливада со прекрасни цвеќиња.
Истите бои се и на оваа водена површина.
Секоја боја и носи по еден спомен. 
Минатото е  во секоја нијанса.




Розевата секогаш ја потсетува дека не е сама. Знае дека што и да се случи има некој за да ја праша, да ја види. Прегратка за утеха и рамо за плачење. Долга прошетка или ручек. Тука е за да си ги споделат радостите. Ги слават родендените, први си ги честитаат празниците. Знаат да се скараат, но се сакаат.Тоа е најважно. Секогаш ќе биде со неа.
Зелената боја ја носи на падините. Во еден манастир распослан на тепих од трева која секогаш беше искосена. Гледа еден ден. Го чуствува мирисот и го слуша секој звук. Како да е таму. 
Панаѓур.Тие се сите заедно. 
Трча низ луѓето и весело гледа во нив. 
Оваа слика ја прави тажна. Една тешка солза се стркала низ пегавото лице. Тие светли точки и сега и го прават ликот детски.
Никогаш не личела на своите години. 
По таа солза, почнаа и другите. Плаче и се сеќава колку беше радосна.Тие мигови сега се само спомен без можност да се повторат. 
Никогаш. А тоа ја боли толку многу. Секогаш кога ја гледа оваа боја, се враќа таму. На тој ден, на истото место. И секогаш тагува. Знае дека тоа е радоста која никогаш повеќе нема да го исполни нејзиното срце.
Жолтата боја која ја здогледа и украде насмевка. Ги затвори расплаканите сини очи за миг и ја потпре главата на нејзиното рамо. Изгледаше како да се милува. И прелетаа слики со љубов. Злато во бесконечен облик. Симбол на вечност. Жолто богатство кое ја исполнува секоја жива душа на овој свет. Тоа е бојата која поврзува. Дава иднина и сигурност.Силен сјај кој топли.
Црвената е огледало со сличниот лик. Се гледа себе, но не е нејзиниот одраз на другата страна.Толку си личат. Оваа боја секогаш е топлина, но не затоа што е бојата на огнот.
Секогаш мириса на нешто вкусно. Црвената ја покрива кога спие. Чајот кој го пие кога е болна. Црвената е се она што знаеме, прво неа ја видовме кога дојдовме на овој свет. Безусловна љубов.
Портокаловата и го донесе мирисот на свежина. Нов почеток. Патување кое дава надеж. Ново време, нова шанса.
Уште многу бои гледа таа. Сите тие се нејзиното клопче. 
Тие бои се и наши. Можеби различни спомени, но сите ги имаме боите на месечината.
Од сите тие бои кои носат по едно парче од мозаикот, една недостасува.Темната сина боја на водата.





No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));