4.03.2012

Цвеќе наместо скинати гаќи!

Овие денови по весниците и македонските веб портали не преплавија со наслови и информации за новите закони кои би требало да почнат да функционираат.
Од закон за даночење на агресивни и егзотични, домашни миленичиња до забрана за сушење на алишта на балконите и прозорите.
Иако на повеќето не им се допаѓаат ваквите закони, и многумина сметаат дека  тие се носат само за да се полни буџетот, јас ги поддржувам.
Еве и зошто.
Ако прошетате по Булеварот Партизански Одреди, од Рузвелтова до хотел Карпош (доволна е само оваа кратка релација за да се согласите со законот) ќе видите дека нема прозор без жица на која висат алишта, долен веш, чорапи,пешкири.
Сликата е уште полоша, ако не сте го забележале црниот или синиот чорап кога сте переле бели алишта.
Ако имате некој пар скинати гаќи, сите ќе ви ги видиме.Кога врне, алиштата се заштитуваат со најлони.
Многу често се случува, особено оние на приземјето, да останат без пар фармерки или омилената блуза.
Сите оние кои прошетале, посетиле некој пријател или роднина кој живее во европските земји или на некој друг континент, секогаш доаѓаат полни со позитивно искуство и импресии, како надвор се функционира.  
Чисто е, не се перат автомобили по дворовите, не смееш да го оставиш сметот пред врата, миленичињата имаат свои плажи, сите го собираат изметот и го фрлаат во кантите предвидени за тоа. 
Не се плука по улица, никој не фрла ѓубре од балкон, тревниците пред домовите и станбените објекти немаат разни хартии и лименки, искосени се, зелени.
Кога ќе се вратиме дома, секогаш доживуваме шок и се прашуваме кога ќе ја доживееме таа слика и кај нас.
Еве прилика.
Но, не. Нас, ништо не ни одговара.Тешко ни е да се одвикнеме од лошите навики.
И мене не ми се допаѓа идејата да ја шетам мојата пудла во парк од 1200м2 наместо да ја пуштам да трча каде таа сака. Но не се прашуваме само ние. Во паркот се носат и мали деца, но оние кои шетаат ротфајлери или доги ги растрчуваат миленичињата, без маски и не размислуваат дека постојат луѓе кои се плашат. На мало дете од 3 години кога ќе му се доближи куче поголемо од него 5 пати и уште толку потешко, нема да разбере дека тоа е чувано дома и не е страшно како што изгледа.Да не ме сфатите погрешно, мене не ми сметаат кучињата.
Напротив, и кога шетам без моето куче застанувам, ако ништо друго, сакам да гледам како си играат.
Неодоливо убава
Како човек кој ги сака животните, и е против нивната злоупотреба, мислам дека законот за данок на миленици е блед обид да се спречи борбата на кучиња.Оној кој ги чува за таа намена, ќе си го плати данокот бидејќи со една борба ќе ги извади парите.Наместо овој закон треба да се најде начин  да се спречи и да  се стави крај на таа голгота која ја минуваат кучињата.
Сите што чуваме кучиња, знаеме и со сигурност ви тврдам, кучето се однесува како ќе го научите.Ако му понудите љубов, тоа ќе биде мило.Данокот е за луѓето, иако не е решение.Бесмислен е!
Но затоа го поддржувам законот кој налага и предвидува кога смее да се пушта гласна музика и кога смее да се користи бормашина во зграда.
Ако некој сака да прави забава, може да ги замоли своите соседи за разбирање. Но, не да и викне  бенд и 300 луѓе, и да свират до 6 часот наутро.Во понеделник.
Неможе да славиш роденден во среда, а забавата да ти трае до 4 часот наутро.Некој оди на работа.Мајката едвај го заспала своето бебе, а студентот учи.
Кој става уметнички слики секој божји ден!
Само мојот комшија ли користи бормашина во 23 часот затоа што му текнало да ги смени корнизите.
И кога сите ќе почнеме така, ќе имаме ли време од денот кога ќе можеме да се одмориме во мир и тишина? Не!
Сите се буневме за законот за пушење на цигари во затворени просотрии. Иако мислам дека е лудост во дискотека, ноќен клуб или кафуле да е забрането пушењето,или да нема посебен дел за пушачи, но кога ќе се присетам дека во болница докторот те прегледува додека цигарат му гори во пепелникот, си викам подобро вака.
Сите сакаме ред, но кога нешто нас не засега, веднаш не ни одговара.
Нема веќе скинати гаќи и шајки во ненормално време.Доста беше тресење јамболии од чеизот и луфтирање на чергите.
Време е цвеќиња да ги красат нашите балкони.
Тексот не е лекториран!


No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));