12.27.2012

Студениот пријател


Стар пријател на нејзината порта. Студен ветер и остри сончеви зраци. Мириса на асфалт кој испарува од попладневниот дожд. Маглата полека се спушта и ја поздравува влажната земја. Гранките се нишаат и им велат збогум на лисјата.
Тие пак, како златни партали посеани од небото, нежно паѓаат создавајќи танц за средбата со врапчето кое ги колве сувите трошки.
Доцната есен создава прекрасна утринска претстава. Буди нежно сеќавање. Се враќа во сонот и го краде чуството на спокојот.

Патува со мислите онаму каде телото е невозможно да стигне.
Но  ќе ги отвори тие сини очи, кои, иако имаат длабоки бои  како морето на југот,ги откриваат сите тајни.
Ги гледаш зборовите кои тивко ги шепоти, пред да ги изговори.Трескаат како типки од стара машина за пишување,и  креираат облак од мали чеканчиња на кои има по една буква.Секоја од нив пецка.Се привлекуваат како магнети и стануваат зборови.А тие болат.
Исто колку и оние, неизговорените.
-„ Да сум гласот на славејот, ќе ја отпеев најтажната песна и ќе ви ги растреперев срцата од болката која ја носи.
Да сум лавица, ќе рикав се додека не ме слушнете и ја  почуствувате  истата жар која ги гори моите мисли.
Да сум снег ќе ви ги смрзнев лицата,и ќе ви се скаменеа сите лоши мисли.
Затоа што јас не можам да се стопам таму каде што е студот.
Надвор е ладно, но тоа е само есента.А оној студ околу твоето срце?
Знам, тоа е кафез изграден од зборовите на себичноста.Ќе се стопли само тогаш кога ќе помислиш на мене, на нас.“


Насмевката која ја носеше на лицето како најголем украс, беше само леплива трака на се она што не можеше да го каже. Сите мислеа дека е дете на среќата, но таа знаеше дека не ја познаваат доволно. Никој не можеше да и влезе во умот и да и продре длабоко во мислите.Затоа се зближи со времето.Ја засака бурата, омилен и беше ветрот.
Ја испраќаше есента,и со скриена радост ја пречекуваше зимата.
Ќе и го пецка лицето,тој сув,студен пријател.Некогаш и носот ќе и потече, но сака да се дружи со тоа познато студенило. 
Заедно ќе газат врз паднатите лисја, замислувајќи дека одат на златна патека која ја осветлува сонцето.Ќе молчат, а сепак ќе споделат се. Не им беа потребни зборови.
Премногу добро се познаваат за да разговараат.Тој знаеше кога и е потребно сонце,па ќе собере сила и ќе ги дувне темните облаци.Го чувствуваше моментот кога теба да ги разнесе нејзините мисли.Ќе и помине како фурија низ златната коса и ќе собере се за што таа  се молела и ќе ги распрсне нејзините желби како ѕвезден прав врз морето.
Се додека не дојде времето да се разделат.Тогаш ќе капнат неколку солзи за студот.И тој недостасува исто како и топлото срце.Ама нема кој да ја разбере!

No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));