10.06.2012

Гулаби

Топлиот  ветер го разнесуваше мирисот на свежина кој испаруваше од влажната коса. Прамените несмасно се лепеа на нејзиното лице, како четка со боја која уметникот ја размачкува на белото платно. Облечена во белиот, летен фустан, под ткаенината на небото, изгледаше како една од ѕвездите. Светеше, сама во таа темна прекривка над земјата.
Светеше, а не знаеше дека е сјај.
Секогаш додека беше пријатно времето, седнуваше на балконот и уживаше во тишината. Тоа беше време кога може да се препушти на мислите. Гледајќи како се гасат светилките  од домовите една по една, размислуваше.

Размислуваше за човекот кој живееше во соседството и чуваше гулаби. Секој ден во истото време ги пушташе од малиот голубарник кој го направил од разни даски и лимови кои другите ги фрлиле на ѓубриштето. Не му сметаше ниту различната структура, ни контрасните бои. Некаде имаше клинци, некаде се обидел да прицврсти со бакарна жица.
Секој ден ги отвараше клинкавите врати и гулабите ќе се распрснеа протегнувајќи ги крилата. Толку силно и моќно излетуваа што создаваа сиво-бел облак од пердуви.
Тој ќе седнеше со некој од соседите, кои случајно ќе поминат, на сивата клупа. Некогаш разговараа, дали за гулабите или за времето, не знаеше, никогаш не ги чула; или само молчеа додека воодушевувачки гледаа кон птиците.
Се прашуваше зашто ги чува птиците во толку мал простор, во кој светлина навлегуваше само од процепите и воздухот циркулираше премногу мачно.
И зашто тие секогаш се враќаа. Зар не би им било поубаво на младото дрво кое некој татко го насадил како спомен за денот кога му се родило првото чедо!
 Да ги топлат снежните пердуви на сонцето, кое секогаш ќе се прбива низ младите, зелени листови.
Ќе колваат по сувата земја се додека голубарот не им свирне како знак дека треба да одлетаат.
Ќе го исполнат небото летајќи само над територијата која ја познаваат доволно високо колку да го почуствуваат она за кое се створени. Наизменично, како група танчери, со смислена кореографија ќе ги оптегнат крилјата, знаејќи дека тоа е единствениот момент кога се слободни.
Играат, бркајќи се со ветрот кој дува во спротивната насока, се до мигот кога ќе го чујат истиот тој  свиреж, кој овој пат значи дека треба да се приземјат.

И како казнето дете кое секогаш со наведната глава се приближува кон родителот, тие ќе слетаат пред својот сопственик.
Никогаш не ја разбра таа послушност која ја имаат.
Ја разбираше нивната природа и капацитетот кој го поседуваат, но нели сите тежнеаат кон својата слобода. Инстикт на секое живо суштество, без разлика дали е свесно или не, сака да е слободно.
Таа ја сака слободата на мислата, тие би требало да ја сакаат слободата во просторот.
Зар се задоволуваат со колвење на изрендана репка и семе од лен само кога голубарот ќе одлучи да им даде!
Зар треба да се радуваат само на неколку минутно летање, кога тие секунди се ништо во споредба со часовите поминати во ужасно кованата куќарка!
Додека се поздравуваше со ноќта, мислеше дека е подготвена да сонот.
Но прашањата одекнуваа како железното звоно во старата цкрва која секогаш  беше добар домаќин на нејзините молитви.
Реши следната посета да се моли за птиците.
Тие треба да летаат.
Да бидат природен украс на стар плоштад. Да направат гнездо на висока крошна или во некоја напуштена катедрала. Да слетаат на прозороцот и да го поздрават малото момче кое се вцрвило од плач. Да го надлетаат дворот во кој три мали девојчиња си играат фатени за рачињата гледајќи кон небото.
Тие мора да летаат!



No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));