10.03.2012

Портрет

Да ја видеше некој уметник, сигурно би насликал прекрасен портрет. Месечината која сјаеше врз морската површина  ја осветлуваше доволно за да уживаш во глетката. Дрвени талпи ковани пред децении, сведочејќи за работата на некој стар мајстор, стојат издигнати над водата и и` го чуваат  телото на безбедно. Косата и се лелееше од ветрот кој носеше мирис на риба,  онаа во водата, но се чуствуваше и мирисот на пржена или риба на скара од локалните, традиционални кафеани. Дури и тој, мирисот, се гледаше.


Едната нога и беше спуштена и скоро допираше со врвовите на прстите во малите бранови. Со рацете се имаше потпрено на коленото и замислено, длабоко вдишуваше со секој налет на морскиот ветар. Одвреме-навреме ќе ја кренеше раката и ќе ги тргнеше прамените коса кои и се лепеа за усните. И повторно ја враќаше во истата положба.
Прекрасна слика би било тоа. Закачена во домот на некој богат старец кој во животот успеал да ги задржи само богатството и старата помошничка. Или пак ќе буди спомени на брат и сестра, кои секогаш додека уживале со своите родители на неделниот ручек, се прашувале која е таа млада девојка. 
Не знам, само така си  ја  замислувам таа глетка. Врежана ми е во сеќавањето кое го немам.
„Да сум семе, да ме одведе овој ветер на некое поле.Да се нурнам во сувата земја и со благослов да никнам.Да нахранам гладно дете, да се најдам на трпеза во дом на среќни луѓе, да ме подари добар пазарџија на сиромава мајка.“
Ветрот ги разнесе нејзините чуства, а таа се молеше некој да ги почуствува. Да навлезат во нечие срце кое долго време е тврдо од болка. Да стигнат до злите души и да ги претоворат нивните пушки во љубов.Силните да ги завијат за да ги прегрнат слабите.
Но дувајќи над морето, низ старите куќи градени од раце кои се браќа  и синови, покрај вековната тврдина, ветерот ги донесе облаците. Се скри месечината зад нив.
Но и низ тој дебел памук, светлината успеваше да најде пат и да ја осветли. Мислам дека не го гледаше тој природен феномен. Снопови светлина се спуштаа како брашно кое лесно паѓа во вреќата на мелничарот, додека тој  полека го сее за да се осигура дека нема некое камче.
„Да сум див цвет, во високата трева покрај селскиот пат. Да помине некое заљубено момче, да ме украде од природата и да ме подари на својата љубена. Да ја красам пекарата на добри домаќини и да се насладувам на мирисот од тазе печен сомун. Да помине селанец и со мене да ја израдува својата жена, чии раце попукале од аргатска работа.“

Првата капка дожд падна врз нејзиното лице и полека се лизгаше низ мазната кожа. Падна и втората, по неа и третата. Тогаш дури забележа дека небото, иако е ноќ, се стемнило. Но тоа не ја поколеба во нејзината намера да остане на дрвената палуба и да ужива во слободата на мислите. Дождот се засили и сега ниту ветрот немаше сила да ја дува нејзината коса. Прамените кои се лепеа за усните, сега и се припија на образите. Но не ги тргна. Дозволи да уживаат додека се капат на дождот.
“Да сум вода бистра која извира од висока планина. Да го разладам случајниот патник. Да бидам оаза за жедните деца кои цел ден ја искачуваа угорнината за да стигнат до мене. Од мене  рибар да лови риба и да ја подели со соседот.“
Дождот ја натопи. Целата мокра, стана и така исправена гледаше кон небото.
Мрак.
Светкаа само светилките од тремовите. Вдиша  уште еднаш, длабоко, ко да е последниот здив кој ќе стигне до нејзините дробови.Се издиша и се нурна во морето.
Можеше да биде семе, цвет и бистра вода. Можеше да биде и ќе биде.
Отиде да плива со делфините.
Ќе се врати!




No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));