6.10.2012

Стар автомобил!

Со поглед ја бара запалката која се изгубила некаде во сиот тој хаос на малата, клуб масичка. Со денови не ја беше средила. Слојот прашина, од време на време, се разлетуваше од свежиот воздух кој навлегуваше од отворениот прозорец. Низ снопот светлина се гледаа тие бели, гнасни парталчиња како снегулки во јануарска ноќ.
Едната цигара и гореше во пепелникот, но откако ја зеде запалката, ја запали новата.
Толку беше замислена, па запалениот тутун го забележа дури откако падна филтерот на црвената прекривка. Побрза да ја земе, за да не изгори новото, црвено, украсно чаршавче.
Го врати погледот кон иконата и продолжи да се моли. Не и се обраќаше на светицата која некој стар мајстор ја насликал можеби и само за таа намена. Молбите кои немо ги изустуваше не беа наменети ниту за Него. Само таму гледаше, онака, од навика. Повеќе не го палеше ни кандилцето.


Одамна сфати  дека тие молби доцна во ноќта или за време на изгрејсонцето не и` помогнаа. Можеби некогаш и` олеснуваа на душата  како разговор со најблиската пријателка. Но ниту еднаш, ни една од нив не беше слушната. Никогаш не се молеше за себе. Немаше некој совршен живот, имаше и  препреки и маки. Но беше задоволна, среќна. Само едно нешто и` недостасуваше. Но, погледна вистински и тоа беше мигот кога сфати дека никогаш нема да и се оствари таа желба.
Сега, молбите беа наменети за неа. Мислите кои гласно ги кажуваше без да ја отвори устата беа порака до самата себеси. Ако не си помогне сама, со сите сили, со секој атом кој патува низ врелата крв, ниту светците не можат.
Го намршти челото, подзамижа со очите и го пушти телото да падне на мекиот кревет.
Ја подаде раката кон пепелникот и ја изгаси цигарата. Легна и почна да ја масира главата.
Болката што ја чуствуваше беше силна. Како стариот занаетчија да го чукаше врелото железо на нејзиното чело.Со секој удар, таа се повеќе замижуваше.Секое допирање на тешкиот чекан со црвениот жар одекнуваше како грмотевица во лето.
Ги затвори тешките и потечени, од плачење, капаци и заспа. Почна да сонува.
Немаше повеќе гр`ч на лицето. Изгледа болката и поминала. Но само онаа која и ја носеше ковачот на железо.
Потона во длабок сон. Неколку солзи и се стркалаа по образите. Потекоа низ пегавата кожа и ја натопија перницата.
И соновите не и` се мирни. Барем таму да е спокојна. Плаче, се моли, си ја јаде душата додека свети сонцето. Нека ја одмори ноќта.
Но, не. Кога нешто ја мачи, не може да заборави. Ќе се измори, ќе заспие. Ќе сонува и повторно станува уморна.
Секогаш се ежеше од советите: како некогаш е подобро да се прифатат работите онака како што се. Таква била судбината, тоа се патиштата на кои налетала.
Не веруваше во тие празни, стари изреки се до денес. Овој пат навистина мораше да се соочи со нејзината мапа. Таква и била среќата.
Некој ќе патува мирно, без застанување. А нејзе, и бил даден стар, извозен автомобил. Или и пука гумата, или прегрева моторот. Како и да е, секогаш мора да застане и да поправа.
Патувањето продолжува, но секогаш се побавно и побавно. Автомобилот е крпен и ја нема истата снага како оние новите, модерните.


Ги отвори очите и стана. Ги избриша солзите. Сфати дека сонот е вистината. Ги исплакала сите тие желби кои не може да ги оствари. Им кажала збогум на молбите кои не можат да бидат слушнати. Го паркирала автомобилот,таму, кај исушените грмушки  и решила повеќе да не го вози.
Ќе си купи нов. Од оние кои не застануваат на секоја препрека.
Затоа биле тие солзи.Тоа се последните молби.
Реши да заборави се и да почне да штеди. Сега и таа ќе патува со нов модерен автомобил.






No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));