4.25.2012

Недоживеани спомени

Ги отварам очите.Ги затварам. Клепкам неколку пати и дозволувам светлината да навлезе во зеницата.
Се трудам да сфатам каде сум, со кого и каде одам.
Пред мене има некој, слушам два гласа, но не можам да се сетам од каде ги познавм.
Се вртам лево.Летаат размачкани, зелени површини.Се движам брзо, затоа само така прелетуваат.Тешко ми е да го фокусирам погледот. Мислам дека ќе полетаме. По некое време почнува да ми се разбиструва.


Во автомобил сум. Пред нас е прав пат. Рамнина и високи планини во далечината.
Зеленилото започнува да се меша со прекрасни бои од виножитото.
Пролет. Насекаде расцутени полски цветови. Иако прозорите се затворени, го чуствувам мирисот. Длабоко го вдишувам тој сладок вкус на нов почеток. Прекрасно е. Иако сум сама, оние пред мене се уште не знам кои се, не чуствувам страв. Имам само фрекфенција од прекрасни спомени кои ги донесе пролетниот воздух.Mи станува ладно и jа наведнувам главата за да погледам во што сум облечена. Некакво фустанче со кратки ракавчиња. Додека се обидувам да сфатам што носам, ги кокорам очите бидејќи телото ми изгледа како на мала кукла. Не ми се верува.
Знам дека сум тоа јас, но кога и да се погледам, телото ми изгледа се помало и помало.
Зар полудувам!
Срцето почнува да ми чука забрзано.Сега веќе ниту мирисот на  дивите мајски рози неможе да ме смири.
Вознемирено ја вртам главата на другата страна. Одеднаш вода. Сина, стаклено прозирна, но разбранувана. Зар може ветрот да прави толкави бранови, а таа да не смени ниту нијанса од таа прекрасна  боја.
Погледанувам кон небото. Да не беа планините во далечината, како граница на овие две сини чуда, ќе мислев дека тонам. Тргнувам со раката кон прозорецот. Ја ставам како мало дете што го лепи рачето на фрижидерот со слатки. Гледам дека  кожата сега ми е покриена со некакво памучно џемперче. Зелени, светли тонови, исти како оние на пролетта кои пред малку ми го крадеа погледот.Сега веќе не сум мала. Но телото повторно го гледам помало отколку што би требало да изгледа. Допирот на памукот и морската сол ми предизвикаа  топлина. Спомен на  оган во кој се топли вкусен оброк.
Никогаш не сме имале печка на дрва, отсекогаш сме ја користеле електричната енергија. Додека размислувам од каде се сите овие недоживеани спомени, некакво пецкање ме освестува.
Оние пред мене се уште ги слушам. Нешто разговараат, но слушам само : „ Јас....“.
Колку и да се напрегам да ги разберам, нивните зборови се губат во врелиот воздух.
Ги познавам, бојата на гласот, тонот.... Ме имаат будено овие гласови. Ме довикаувале.
Но никако да се сетам.
Повторно ги затворам очите. Клепките сами бараат да го затворат тој канал кој само апсорбира некои бои, предмети и движења. Иако се` знам, ништо од она што го видов не ми е познато.
Мижам. Мирно и удобно седната на среднината. Дишењето ми е рамномерно. Точно како часовник. Го слушам само воздухот кој излегува од ноздрите. Ладен е.
Спокојот кој е однадвор е само привиден.
Во мене борба. Милион војници војуваат. Натпревар на бес и гнев, па мирен танц. Вените се пумпаат со крв, па настанува суша како во пустинско лето. Толку многу неразбирливи чуства, мислиш целиот свет се собрал во мене и е како на психијатриска терапија. Нагоре, надоле. Едни бавни, други брзи како светлина. Ерупција од необјасниви мисли.
Врискам . Се дерам да можат сите да ме слушнат и да престанат : „Тишинааа“. Но гласот не ми го слушаат.Се отвара и затвора устата, но од неа не излегува ниту еден збор.
Ги отварам очите.
Се уште сум тука. Се возиме по истиот пат, но со секое вртење на главата, прозорите стануваат екран со различни слики. Ниту една не е иста, а сите ги знам. Се движиме, но јас гледам убаво, чисто. Дури и најмалите, најситните нешта ги гледам. Како некој да ги снимил сите мои спомени, денови и ноќи. Некаде плачам, па играм на некоја улица. Боса со кришка леб во раката. Косата ми е долга, очите насмеани.
Седам сама со некоја книга или тетратка пред себе. Во училница или дома.
Музика, обетки и ѓердани. Весели лица и насмевки. Црно, темни сенки и погреб.
Се редат сите тие слики веќе поминати, но незапаметени. Доживеани и заборавени.
Оние напред се уште разговараат. А јас не можам да ги препознаам кои се.
Не можам повеќе. Се мачам да се сетам, а знам дека ги нема повеќе.
Замижав.
Ја најдов сликата која ми беше од сите тие најдрага. Ја заклучив во мојот празен споменар и се насмеав.
Можеби е сон, но ако ја отворам вратата од домот нема да се изненадам ако го видам автомобилот паркиран пред неа.
Фантазија или заборавена лага.
Не знам.
Ниту повеќе ми е грижа.
Се откажав.
Сега ќе ги отворам очите и ќе одам пеш по мојот пат. Знам каде ќе одам, каде ќе ме одведе.

Сите права на соджината вклучувајќи ги авторските права се задржани од Елена Петковска, автор на блогот Моја мисла, мое право. Со самото пристапување на овој блог се согласувате дека содржината ќе ја користите само за лични и некомерцијални потреби. Не е дозволено копирање, дистрибуција, продавање, јавно прикажување и адаптирање било која содржина доколку не е регулирана со претходен договор на 
Без дозвола може да се превземе текст само доколку е поставен линк од оргиналната содржина.



No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));