4.14.2012

Пат. Патење. Патување

Сивило. Мирис на асфалт. Горештината прави огледало врз оваа леплива маса. Ги упива сончевите зраци и испушта неподнослива топлина. Гори. Нозете се тешки и уморни, а овој невидлив оган ги гори. И онака тешко и тромаво го движат истрошеното тело на една млада душа.
Зар сонцето да и задава толку тешкотија?
Со секој чекор, црниот под пропаѓа Стапка по стапка, остануваат зад неа како спомен на таа мизерија. Потсетник дека веќе и обичниот `од е неподнослив. Крик на `рбетот! Не може повеќе. Вришти од болка, но на ликот нема знак дека мачно е тоа движење. Нешто си мисли. Сигурно нешто убаво си мисли. Инаку како би издржала!


Ја гледам. Плачам со неа, иако таа не пушта ни солза. Тажам со нејзиното срце, а никогаш не ми кажа дека е тажна. Ние двете се молиме. Една пред друга молчиме, но знам дека двете имаме иста желба. Осамена тага што само ние ја разбираме. Никој друг. Но јас само гледам. Ја немам нејзината сила и не сакам да одам по тој пат- оган гори.
Јас се плашам. Сакам да бидам со неа, но неможам. Солзите кои течат по моите образи веќе не се чиста вода која го мие окото. Тече крв. Знам дека се црвени капки. Секоја од нив е еден преживеан ден од нашите животи. Среќа и радост. Возбуда и страв. Блесок светлина и црно изгрејсонце. Сите заедно се тркалаат и ја топат душата.
Гласот вели : „ајде, стани.Оди со неа!“. Но телото не реагира. Рамнодушно, свиткано од мачнина, само си седи. Ако излезам од него, знам дека ќе се згрозам од таа глетка.

Каде е и мојата сила да газам низ оганот?
Тука беше.
Каде отиде прклетата?
Не мрдам, не трепкам. Солзите сами го бараат излезот. Но мозокот ми е како автопат преполн со автомобили.Сите се движат, брзаат некаде да стигнат. Слушам свирежи, ми прелетуваат светла.
***
Сонцето веќе ни прати поздрав за Добра ноќ. Асфалтот полека го повикува огнот. Време е да ја одмори. Но таа сеуште не се исправува. Истиот од, не го менува чекорот. Само трагата на стапките не е толку впечатлива.
Полека ми се губи од видот. Темнината ја проголтнува.
Ќе и олесни ли? Ќе здивне сега. Па месечината нема да дозволи да ја гори.
Да!
Иако си замислувам, знам дека ќе го заврши патувањето. Таа е силна. Има моќ да патува онаму каде никој не познава. Ќе стигне на местото кое го сонувавме.
Се разделивме, а нешто ми шепнува дека не ме напушти. Ќе се врати таа по мене. Нема да ме остави сама. Ние заедно се родивме, и со фатени дланки ќе си заминеме. Насмеани, сигурно ќе бидеме насмеани.
Сакам да станам. Да и испратам поздрав. Гестикулација која ќе ја потсети дека ја чекам. Нема да ме види, веќе е далеку. Ниту јас ја гледам, но таа ќе го почуствува. Мораше да ме остави, да си ја вратам силата. Има таа некој план. Ме познава, затоа си замина. Свесна е дека ќе патам, но сепак  си отиде. Ме остави во тишина, да си ги средам мислите. Болката да ме натера да ја следам. Само така ќе го снема патењето.Да се подготвам за големото патување.
***
Станувам. Телото ми го слуша умот. Знаци дека силата веќе си доаѓа во својот дом. Ја нема гужвата на автопатот. Нема ниту еден автомобил, се е мирно и тивко.
Смирено земам голем залак свеж воздух. Ми мириса на зумбули.
Морници од среќа ми го поминуваат телото. Подготвена сум да тргнам на патување. Ме чека оган, тежок пат до неа.
Се поздравив со минатото. Ги покрив со бел чаршав спомените. Ја заклучив болката и си заминав. Клучот ќе го земам со мене. Не за да ме потсети дека бев слаба, туку секогаш кога ќе го погледнам  да знам дека јас сум силна.
Почнав да чекорам. Нема да се свртам и со тажен поглед да се збогувам. Нема ниту забрзано да чекорам и во себе да проколнам. Ќе одам лесно, како некогаш. Ќе се насмеам, иако ме чека оганот.
Стигнав до асфалтот. Сонцето свети и тука се истите зраци кои ја испратија. Но не гори. Стапнувам на него, но нема траги од стапала. Го нема ниту огледалото.
Нема болка, тромаво движење.
Ќе полетам.
Со секој нареден чекор околу мене се создаваат слики на прекрасен пејзаж.
 Розеви цветови и пчела.
 Зашто го нема мојот оган? Јас сум подготвена за него.Таа ме остави за да ја вратам силата, токму него да го победам. Да можам да станам и храбро да го пуштам стапалото во пламените што горат.
Сите  се насмеани околу мене, а чекорам сама.
Се насменувам и јас.
Сега знам.Тоа е планот.
Таа го собра огнот и ја повика месечината.
Тргна пред мене за да им каже да дрвјата дека е време да го пуштат цветот.
Им шепна на пчелите и тие полетаа.
Му прати молба на сонцето дека таа ќе гори, но кога ќе дојде времето јас да полетам.
Се ми е јасно. Таа го помина мачниот пат. Ја собра сета болка во својот `рбет само јас да можам исправено да патувам. Да ја најдам на местото кое го сонувавме.






No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));