2.23.2013

Куќа во полето на соништата


Зборовите летаат  како пеперутки. Ги фаќа со старата мрежа и остава порака : „ Чувај ги тие мисли, немам друго наследство да ти оставам.“
„ Елегија- ехо на тагата “ - запиша. Иако никогаш ја немаше формата, таква беше содржината.
Зар е важно?
За себе велеше дека  не е` единствена, ниту  уникатна, затоа што мислеше дека секој од нас се препознава во нечија приказна, тага, љубов или солза.
И таа го слушаше нејзиниот живот испеан во песна. Сигурно некој го чита својот во нејзината поезија.

„ Запомни добро: Огледалото е за ликот, не за душата! “
Сакаше да ги остави тие мали мудрости кои и таа од некој свој  ги научила. Никој од нас не го знае крајот, затоа се` запишуваше.
„Еве ја мојата мапа. Нема места кои ги бележев со црн Х, чувствата ми беа патоказ, и не дозволија да налетам на дупка.Не ја следи, но обиди се да ја  сфатиш.Ти биди мастилото на твојата карта.“
Седеше до прозорецот, а замислуваше дека е во некое поле насадено со лаванда.Сонцето беше високо на небото и на двете места, но во мислите сликата беше незаборавна.
Синило со портокалови нијанси, кое се обоило од зраците што силно ги прегрнале белите облаци, и виолетов тепих од мириси и млади цветови кој изгледаше на море кое е разбранувано од  приквечерното ветре.

На такво убаво место, иако само со затворени очи, никој не може да биде со тажен лик.
Се насмеа, онака срамежливо, мислиш некој ја гледа.
А таа сама, со белите листови.Оставаше парче од себе, малку радост, прегратки и тажен поглед.
Се наведна и продолжи да пишува.
„ Не суди и не се откажувај од никој, ако не ја почувствуваш неговата солза, не те пресече стомакот со неговата болка, не те наежи неговиот страв. Лесно е да си среќен, луѓето бегаат од тагата.“
Секогаш кога ќе се замислеше, се враќаше на полето.
Имаше и куќа, скриена зад една стара врба, но доволно видлив воздушен простор за првиот поглед да биде токму кон лавандата.

Разни животинчиња шетаа низ отворениот двор. Прво ги хранеше кокошките, па одеше кај козите и кравите. Кучето лаеше додека досадната мачка се моташе околу неговиот оброк, обидувајќи се да украде залак од старото чинивче.
Е така беше во мислите. Идила со бели врвови на планините кои се гледаа во далечината и топли бои пресликани во природата.
„Обиди се да веруваш! Не е важно дали ќе биде тоа Бог, љубов или некој стар партал кој те врзува со твоето постоење. Моли се, но никогаш не проколнувај. “
Веќе беше време за ручек. Заглавена во некој меѓупростор, се избори да се врати во мислите и таму да зготви за своите.
Ќе набере зеленчук од градината, и ќе свари чорба. Ќе ги измеша вкусовите, но ќе пази и на боите. И готвењето е уметност, а таа секогаш внимаваше да има рамнотежа  во лонецот. Ќе се насмее додека ги става фино исечените моркови, лесно ќе го кине свежиот магдонос, и полека ќе меша додека течноста умерено зоврива на шпоретот на дрва.
„ И кога ќе готвиш, насмевни си и помисли на нешто убаво. Твојата дланка е река низ која течат сите чувства, а таа ја држи дрвената лажица. Оние кои ќе јадат ќе го почуствуваат отчукувањето на твоето срце, и затоа тоа треба да пумпа во ритамот на љубовна песна. Храни ги блиските со благодети.“
Ќе седнат на трпезата во дворот, заштитени, од силните сончеви зраци, под врбата и ќе разговараат додека уживаат во оброкот. Испреплетени дланки преку масата, покриена со чаршав со цветен дезен, ќе си подаваат од чиниите полни со храна. Има и овошје, од нејзините дрвца. Највкусни се кајсиите, чии семки пота ќе ги кршат со некој камен на патеката.
„ Ниту една приказна не вреди, ако немаш кому да ја раскажеш“
Кога ќе заврши тој миг на хранење на умот и стомакот, сите насмеани полека си заминуваат.
Ќе тргнат заедно со сонцето кое полека ќе го обои небото во љубов.
Но, чувството на среќа и исполнетост останува.Тоа трае, затоа што е вистинско.Ќе остане тука до наредната средба.
А таа, ќе ја земе дланката на својот мил, и заедно ќе легнат пред каминот, во кој пукаат старите дрва.Ќе летаат искри жар од тие стари стебла исечени за да ги затоплат телата, да бидат извор на енергија кој ќе го даде вкусниот оброк, светлината која ќе ги огрее нивните вљубени лица.
Нема да читаат книга, но ќе земат по една чаша од домашното вино, направено од нејзиниот дедо и ќе си го раскажат денот.
Тој ќе и ги тргне црвените прамени коса од белото, пегаво лице и ќе ја гледа во очите додека таа секој миг го преточува во збор.Се додека не дојде сонот.
А тогаш...
Ќе се гушнат и така ќе заспијат пред огнот.Така е во мислите, но тоа е сцена и во собата со прозорецот крај кого ти го напиша овој спомен.
Те сака!


Сите права на соджината вклучувајќи ги авторските права се задржани од Елена Петковска, автор на блогот Моја мисла, мое право. Со самото пристапување на овој блог се согласувате дека содржината ќе ја користите само за лични и некомерцијални потреби. Не е дозволено копирање, дистрибуција, продавање, јавно прикажување и адаптирање било која содржина доколку не е регулирана со претходен договор на 
Без дозвола може да се превземе текст само доколку е поставен линк од оргиналната содржина.


No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));